Straso Pindzur logo

РАЗВОЈ И ИСТОРИЈАТ


Училиштето и населеното место се наоѓаат на територијата на општина Прилеп. Развојот на училиштето е интересен и временски доста стар. Има податоци дека првото училиште е отворено уште во 1872 година. Тоа било поактивно и со поголем број на ученици, во 1907 година како народно училиште. Во село Мало Коњари се до учебната 1954/55 година немало изградено училишна зграда за изведување на наставата. Таа се изведувала со прекини по приватни куќи. Од 1928 до 1931 година учениците учеле во импровизирани услови во просториите на црквата, но на српски јазик. Од наредната учебна година 1931/32 учениците учат во училишната зграда во село Големо Коњари.


Од 1941 наставата се изведува на бугарски јазик. Од 1944 до 1945 година училиштето не работи. По конечното ослободување, по Втората светска војна, биле превземени мерки за започнување на работата на училиштата на македонски јазик. Кон крајот на јануари 1945 почнуваат да се формираат и да работат училишта во околните села па и во Мало Коњари. Со изградбата на училишната зграда 1954 започнува да се изведува настава во училиштето со ученици од прво до четврто одделение. Наредните одделенија се формираат во континуитет секоја учебна година по едно одделение се до осмо одделение. Училиштето во Мало Коњари работи како самостојно се до учебната 1961/62, а потоа како централно во чиј состав се подрачните училишта од селата: Големо Коњари, Славеј, Кадино Село, Боротино.


Училиштето во Мало Коњари станува работна единица на „Манчу Матак“ село Кривогаштани учебната 1978/79 година.


Од 1986 па до денес е самостојно основно училиште. Во него денес учат ученици од околните села, Големо Коњари, Кадино Село и во предметна настава од село Славеј (кое припаѓа на Кривогаштанска општина). Училиштето е верифицирано со број 09-110/1 од 17.03.1986 година од страна на Секретаријат за општи служби и општа управа при Собрание на општина Прилеп.


Воспитно образовната работа се изведува на македонски јазик и кирилично писмо и според нормативите и стандардите на МОН и БРО.


Во составот на централното училиште работат и две подрачни училишта во селата Големо Коњари и Кадино Село.


Училишните згради во централното и подрачните училишта ги задоволуваат стандардите и хигиенско-техничките услови за непречено одвивање на наставата.